Францускиот претседател, Емануел Макрон, во својата прес конференција што предмалку заврши изјави дека е најдено компромисно решение за спорот меѓу Бугарија и Македонија.

Макрон на прес-конференција во Мадрид, на Самитот на НАТО изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.

– За прашањето на пристапувањето на Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Македонија, прифатлив за сите – изјави Макрон.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

– Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото – потенцира Макрон.

Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.