Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) спроведе анкета за истражување на јавното мислење од 6 до 18 септември  составена од 5 прашања поврзани со претстојниот референдум на 30 септември 2018 година. Анкетираните учесници се самоидентификуваа преку прашања поврзани со нивното постојано место на живеење, пол, возраст и националост.

Приближно 60 отсто (или 1.025) од анкетираните испитаници моментално престојуваат во Република Македонија, додека останатиот дел ја сочинуваат македонската дијаспора.

Резултатите од анкетата на ОМД покажале недвосмислена поддршка кон движењето за бојкот на референдумот.

„Клучен принцип во едно демократско општество е правото на поединецот да гласа на слободни и фер избори со цел да го изрази своето политичко мислење и став. Одлуката за искористување на правото на глас или неискористување на истото, е лична определба на поединецот. Покрај големите напори на македонската влада да обезбеди поддршка за договорот преку агресивна медиумска и теренска кампања и со притисок од меѓународната заедница, резултатите покажуваат дека мнозинство од гласачите, поточно 84.6 отсто нема да го искористат своето право на глас во знак на бојкот“, наведува ОМД.

Причините за бојкот на референдумот според резултатите од анкетата, се многубројни, меѓу кои се вклучуваат правните недоследности во договорот со Грција како и катастрофалните последици од применувањетот. Резултатите покажуваат дека мнозинството, 86.3%, верува дека договорот го загрозува суверенитетот и постоењето на Република Македонија, и воедно ја нарушува посебноста на македонската култура, идентитет и јазик. Народот исто така не верува дека промената на името ќе доведе до економски просперитет (87.3%), претставен како основен аргумент за движењето “ЗА”.

Иако Македонците во континуитет ја поддржуваат идејата за членство во ЕУ и НАТО, кај мнозинството од нив преовладува ставот дека промената на името е превисока цена за потенцијална евроатланска интеграција.

Земајќи ги во предвид резултатите од истражувањето, Обединетата Македонска Дијаспора не гледа реално и практично сценарио за постигнување на цензусот (903.000+1) и мисли дека референдумот ќе пропадне по основ на недоволна излезност.

„Мислиме дека само изборен фалсификат од историски размери може да го доведе неуспехот во прашање. Неуспешниот референдум ќе докаже дека мнозинството Македонци не го одобруваат Преспанскиот Договор и со самото тоа тој станува ништовен“, истакнува ОМД.

Анкетата била подеднакво распределена на полова и етничка основа, соодветно дистрибуирана помеѓу Македонците, Албанците, Власите, Ромите, Турците, и останатите етнички малцинства.