Човекот не е создаден да биде постојано позитивен. Сите животни ситуации не бараат позитивен став. Негативните емоции се составен дел од човекот, вели во интервју за „Република“ д-р сци. Иво Куновски, специјалист по медицинска психологија, психотерапевт, доктор на науки по јавно здравје на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје.

Со Куновски разговаравме за феноменот „токсичен позитивизам“, кој многу често се форсира по социјалните медиуми и кој едноставно не ни дозволува да бидеме на моменти тажни, несреќни, да се чувствуваме незадоволно и како тоа постојано наметнување дека мора да бидеш среќен ни влијае на психата. Постои разлика меѓу здрав оптимизам и штетен позитивизам и во ред да не сме добро на моменти и тоа треба да се прифати. Опасно е споредувањето со „совршените“ животи кои ги гледаме онлајн и многу е важно да се изгради емоционална автентичност наместо постојано да се глуми среќа.

Сведоци сме дека социјалните медиуми креираат еден феномен во кој се форсира токсичен позитивизам, се наметнува дека е многу важно да се има позитивен став за се“, како едноставно да не ни се дозволува на моменти да бидеме тажни, нерасположени, па и несреќни. Како би го објасниле ова?

КУНОВСКИ: Во современиот дигитален свет се зацврсти наративот дека позитивните емоции и ставови се некаков предуслов за вреднување на животот и одржување на менталното здравје. Овој феномен, често означуван како „токсична позитивност“, е значително засилен од социјалните медиуми и нашата тенденција за селективно самопрезентирање. Тие нудат идеален простор за прикажување сценирани, естетизирани и внимателно избрани сегменти од животот (моменти во кои се претставуваме во најдобро можно светло), додека непријатните искуства остануваат невидливи, маргинални, забранети или строго приватни. На овој начин се создава илузија дека животот има вредност само доколку е постојано исполнет со среќа, успех и позитивно размислување.

Што се случува со луѓето кои се чувстуваат „виновни“ затоа што не се доволно позитивни?

КУНОВСКИ: Кога општеството или непосредната средина испраќаат порака дека негативните емоции се непожелни, тие се и неуважени. Како последица, луѓето почнуваат да ги доживуваат сопствените реакции како несоодветни, што го поттикнува споредувањето со други и создава чувство на неуспех. Дополнително, се развива и одбегнувачки стил на справување, каде се наоѓа начин емоциите или непријатните ситуации да не се обработуваат, што го зголемува и ризикот за проблеми со менталното здравје.

Овој процес често се засилува и во меѓучовечките односи. Кога некој се соочува со тешко искуство (на пример развод) и не добива простор за изразување или уважување на својата тага или лутина, туку е охрабрен „само да мисли позитивно и се ќе се реши“, неговите искрени доживувања делуваат како да се невалидни или некако погрешни. Во обид да ги контролира, лицето може да започне да ги одбегнува, а тоа со тек на време да ги зголемува напнатоста, вознемиреноста, негативните ставови за себе и го намалува понатамошниот капацитет за справување.

Дали постои разлика меѓу здрав оптимизам и штетен позитивизам?

КУНОВСКИ: Позитивноста во својата „здрава“ форма не подразбира селективност или негирање на реалноста. Таа овозможува простор истовремено да постојат објективните околности, заедно со надежта и оптимизмот. Нејзината функција не е да ги засени непријатните искуства, туку да коегзистира со нив. Проблемот настанува кога позитивноста се наметнува како единствено прифатлив начин на доживување, исклучувајќи се останато. Менталното здравје не значи дека се очекува постојано да се чувствуваме добро, туку континуирано да ја развиваме флексибилноста како способност за препознавање, прифаќање и регулирање на различните емоции во согласност со контекстот во кој се наоѓаме. Со тоа, тагата, лутината или вознемиреноста не би биле знаци на слабост, туку нормални и адаптивни реакции, а нашата отпорност произлегува од интеграцијата на целосното искуство – не од неговото селективно прифаќање.

Дали е во ред да не сме добро и колку е важно тоа да се прифати?

КУНОВСКИ: Важно е да се има предвид дека човекот не е создаден да биде постојано позитивен. Напротив, постои природна склоност полесно да се забележуваат негативните дразби и подетално да се обработуваат непријатните искуства, што е веројатно и поврзано со нашиот вроден механизам за заштита од опасност. Негативните емоции се составен дел од оваа сложеност и имаат значајна функција во адаптацијата. Не сите животни ситуации бараат позитивен став.

Кои се здрави начини за справување со тага, стрес, незадоволство?

КУНОВСКИ: Понекогаш токму непријатните емоции служат како сигнал за промена – да побараме помош, да поставиме граници или да преиспитаме одредени односи. Инсистирањето на постојана позитивност, и кај себе и кај другите, може да ја попречи отворената комуникација и да доведе до нерешени проблеми.

Колку е опасно споредувањето со „совршените“ животи кои ги гледаме онлајн?

КУНОВСКИ: Иако позитивната психологија покажува дека оптимизмот и позитивниот став се поврзани со подобро ментално и физичко здравје, проблемот настанува кога овие идеи се поедноставуваат и се претставуваат како универзално решение. Особено во дигиталниот простор, ваквите пораки често се сведуваат на површни препораки, кои не ја земаат предвид индивидуалната комплексност. Слично, позитивните афирмации можат да бидат корисни за некои луѓе, но кај оние со ниска самодоверба понекогаш создаваат внатрешен отпор и чувство на неавтентичност. Прифаќањето на целиот спектар на човечки емоции е суштински за вистинско разбирање, прифаќање и поврзаност. Наместо одбегнување, особено корисно е да се развие рамнотежа помеѓу способноста да се соочиме со она што е, додека истовремено бараме начини за приспособување и понатамошен раст. Свесноста дека она што го гледаме на социјалните медиуми е селектирана верзија на реалноста може да помогне во одржување на оваа рамнотежа.

Како да изградиме емоционална автентичност, наместо постојано да се глуми среќа?

КУНОВСКИ: На крај, менталното здравје не произлегува од постојаното чувство на среќа, туку од дозволата да се биде автентичен – да се препознаат сопствените потреби, да се препознаваат и прифаќаат различните емоции и да се создаде простор за искуство кое е целосно, а не идеализирано. Тоа е работа во постојан тек.

Разговараше: Александра М. Бундалевска