Цените на нафтата денеска дополнително паднаа, бидејќи актуелизирањето на трговските тензии на релација Кина – САД ги загрози перспективите за раст на глобалната економија и побарувачката за енергенси.

Цената на северноморската нафта „брент“ падна за 70 центи или 1,2 отсто на 58,26 долари за барел, со тоа, постигнувајќи го седмомесечниот минимум.

Истовремено, американската „лесна“ нафта поевтини за 38 центи или 0,7 отсто на 53,25 долари за барел.

Цената на „брент“ падна за повеќе од 10 отсто во изминатите недели откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека од 1 септември ќе воведе 10 проценти тарифа на дополнителните 300 милијарди долари кинески увоз.

„Неизвесноста на пазарот е се поголема во врска со изгледите за побарувачка, со оглед на влошените трговски преговори помеѓу Кина и САД“, напоменуваат аналитичарите од ИНГ банка, пренесува Ројтерс.