Преспански договор,референдум, уставни измени во прва и втора фаза, пресуди, амнестија, пазарења, договарања, притвори. Генерално една од најтурбулентните години на внатрешно – политички план е зад нас.2018 веројатно ќе биде запаметена како година која според многумина ја одреди трасата по која ќе се движи државата во наредниот период. Според едни со тотално разнишани темели, обезличена, и без достоинство, според други горда и со јасно одредени принципи кон крајната цел ЕУ и НАТО.

На половина од изминатата година 17 Јуни во селото Нивици на брегот на Преспанското езеро се случи настанот кој значеше крај на речиси три деценискиот спор со Грција. Преспанскиот договор со јужниот сосед треба да значи деблокирање на македонските интеграции. Иако според голем дел од граѓаните  во многу нешта спорен, сепак власта е убедена дека и покрај сите аномалии, таков каков што е, несовршен, документот на 19 страници ќе ни биде клучот за отварање на вратата кон подобра иднина.

Опозицијата пак смета дека со договорот се губи македонскиот идентитет. И дека е против националните интереси.

Одговорот за тоа  што мисли јавноста за Договорот беше испорачан на 30 Септември. Референдумот кој требаше да биде обврзувачки, но на кој само се консултираа граѓаните беше неуспешен. На него гласаа 36,89 проценти или 666 344 од гласачите. Од нив 37 687 “против”. Ваквите резултати за многумина значеа победа на “Бојкотирам” Наспроти “Гласај за Европска Македонија”

И покрај евидентниот неуспех на интензивната кампања да се достигне цензусот сепак власта реши да го турка договорот низ институциите. Граѓаните не одлучиле па тие морале да донесат одлука.

Што се вели уште ќе бидеме во празнично расположение кога само девет дена по новата година ќе започне последната фаза од собраниската расправа за уставните измени. На 15 Јануари се очекува 120 или поточно 80 парламентарци да одлучат и официјално дека живееме на северниот дел на Македонија, дека сме “Граѓани на Република Северна Македонија” и дека јазикот ни е Mакедонски, ама со фуснота дека припаѓа на словенската група јазици. И толку. Бидејќи како што вели премиерот сите се увериле дека од амандманите не излегле мечки.

И веројатно тоа ќе бидат истите 80 пратеници кои на 19 октомври еднаш веќе гласаа за менување на уставот. Особено оние осум кои до скоро беа дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а сега се независна група пратеници. Оние кои така одеднаш станаа свесни за тоа што треба да сторат за да не ја блокираат државата на патот кон ЕУ и НАТО. Не дека ним и на нивни членови на семејството и  блиски им висат обвиненија над глава. При првото гласање беа јавно обележани од нивните колеги. Некои и тврдеа дека имало купување пратеници како на сточен пазар.

Вториот пат жигосани од пошироката јавност меѓутоа заедно со власта која е сардисана од сите страни дека направила дил со “ѓаволот” само за да го добие она што го посакува. И за 27 Април и за предметите на СЈО. Сите среќни сите весели. За едните уставни измени за другите амнестија, условни или помали казни. За народот пак мачнина во желудникот. И за оние од“че си лежите” и за тие од спротивната страна “Република Македонија – Северна никогаш”.

И секако кон средината на 2019 ќе видиме дали сето ова ќе биде доволно за добивање на долгоочекуваниот датум за преговори со ЕУ. И како после сите збиднувања ќе бидеме оценети на испитот за кој редовно добивавме најниски оцени, владеење на право, корупција … И ќе го потврдат ли во 2019 парламентите  на земјите членки на НАТО нашето членство за да можеме како триесетта земја да станеме дел од Алијансата.

СЈО пак ќе има задача да не убеди во целисходноста на неговото постоење. Да ни докаже дека милоионите евра буџетски пари на годишно ниво не се бесцелно потрошени. Работата на истрагите не им била џабе, а обвиненијата и енергијата од прес – конференциите не се изгубиле под притисок на политичкиот пазар. И СЈО и државата една правна битка веќе изгубија. Без оглед дали нивните аргументи за злоупотреба на позицијата или оние на Груевски за политички прогон ќе надвладеат, сепак патот на обвинителите и на министерството за правда за докажување води преку Дунав до Будимпешта.

Крајот на Март – почетокот на Април не очекуваат претседателски избори. Актуелниот претседател го завршува вториот мандат со нарушена кохабитација за поовеќе прашања. Меѓу нив и Преспанскиот Договор и различните гледишта за тоа со што се сочувува македонскиот идентитет.

Иванов заминува од Вилата на Водно. Дали ќе го замени консензуален претседател останува да видиме. Времето ќе покаже дали СДСМ и ДУИ ќе излезат со заеднички кандидат или пак претседателската трка секој ќе ја трча со свој адут. Опозицијата веќе најави дека нејзиниот ќе биде познат во Февруари. Не се отфрлаат ниту варијантите за немање цензус па Талат Џафери да ни биде в.д. шеф на државата.