Возачот на Садула Дураку бил фатен како ги полни гласачките кутии, обвини денеска Орхан Муртезани од „Вреди“, кој денеска во изјава за медиумите зборуваше за сомнежите за злоупотреба во избирачкото место 1112/1 во Липково.

Тука сме да ја осудиме кражбата на гласови, масовното преполнување на „бугарскиот воз“ во општина Липково, поточно во избирачкото место 1112/1. Лицето Алексан Рахмани, возачот на Садула Дураку и неговата десна рака, е фатен како ги полни гласачките кутии, рече Муртезани, а пренесе „Алсат“.

Дураку, кој е носител на листа за ДУИ во ИЕ1, иако е поранешен министер и долгогодишен функционер на албанската партија, македонската јавност го памети како човекот кој во летото 2001 со уште двајца припадници на ОНА го завртел вентилот за довод на вода од Липковското Езеро по што населените места од кумановскиот крај немале вода неколку седмици. Поради тој случај го доби прекарот Командант Вентили.