САД од 8 ноември ги отвораат своите воздушни граници за целосно вакцинирани странски посетители кои имаат примено една од седумте одобрени вакцини против Ковид-19 и кои ќе прикажат негативен тест за Ковид-19 направен три денови пред патувањето, соопшти синоќа американскиот Стејт департмент.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, во САД ќе можат да патуваат сите кои се вакцинирани со вакцини одобрени од Администрацијата за храна и лекови на САД и од СЗО – американските на Модерна, Фајзер, и Џонсон и Џонсон, како и британската Астра Зенека, индиската Ковишилд, и кинеските Синофарм и Синовак. Руската Спутник се уште не е одобрена, како од ФДА така и од СЗО.

-Политиката ќе овозможи рестарт на регуларните патувања за оние кои се целосно вакцинирани. Семејствата и пријателите ќе можат повторно да се сретнат, а туристите ќе можат да ги посетат нашите национални паркови и познати места. Политиката ќе го засили економското закрепнување на САД и со задоволство гледаме дека тоа започнува на 8 ноември, изјави портпаролот Нед Прајс.