Гренланд може да стане нов хит во туристичките дестинации благодарение на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Си-Ен-Ен. Откако пред неколку дена тој објави дека сака да ја откупи автономната територија од Данска и притоа беше категорично одбиен, туроператорите и туристичкиот борд на Гренланд веднаш забележале зголемен интерес за туристичките пакети и тури.

На 16 август, кога Трамп најави интерес кон островот, компанијата Nordic Visitor, која нуди екскурзии и одмори во северните држави, имала значително зголемување на посетите на својот сајт од страна на заинтересирани клиенти.

Интересот за Гренланд на нашиот сајт се зголеми за над 2.800% во споредба со истиот датум од претходната година, соопштија од компанијата.

Над 69 отсто од посетителите на сајтот биле од САД.

Зголемена посета на сајтот одново била забележана и на 20 август, кога Трамп на Твитер вети дека на Грнланд нема да гради свој облакодер.

Туристичката индустрија на Гренланд е многу млада. Досега интересот за островот беше главно заради климатските промени, што таму се јасно видливи поради наглото топење на глечерите. На почетокот на август само за еден ден на островот се стопија 11 милијарди тони лед.