Русија и Турција ќе продолжат да работат заедно за мирот, безбедноста и стабилноста на Евроазискиот континент, изјави рускиот претседател Владимир Путин, изразувајќи притоа задоволство од позитивниот развој на обостраните односи, пишува електронското издание на весникот „Хуриет“.

Рускиот лидер испрати новогодишна порака до својот турски колега Реџеп Таип Ердоган, што беше објавено од прес-службата на Кремљ.

Путин подвлекол дека е задоволен од развојот, руско-турските односи во 2018 година и притоа посебно ги подвлекол изградбата на атомската централа и гасоводот “Турски поток“.

Започна изградбата на првиот блок на АЕЦ Акујо, а морскиот дел од гасоводот „Турски поток“ е изграден. се појавија нови ветувачки области за обостраната соработка, се вели во пораката.

Изданието потсетува дека во саботата Москва и Анкара се договорија да ги координираат своите активности во сирија по повлекувањето на САД. Рускиот лидер подвлече дека двете држави имаат решавачки придонес во борбата против тероризмот во Сирија и во придвижувањето на процесот за политичко решение на конфликтот во таа држава.

Путин, исто така, испрати порака и до сирискиот претседател Башар Асад во која подвлекува дека Русија ќе продолжи со давање сестрана помош и поддршка на владата и на народот на Сирија во нивната борба против тероризмот и во напорите за заштита на државниот суверенитет и територијален интегритет, соопштија од Кремљ. Рускиот лидер му посакал на сирискиот народ што побрзо враќање на мирниот и просперитетен живот.