Анегрет Крамп-Керенбауер, новата лидерка на германската Христијанскодемократска унија (ЦДУ), е попопуларна меѓу сонародниците од нејзините ривали Фридрих Мерц и Јенс Шпан. Тоа го покажува истражувањето на социолошкиот институт „Југов“, објавено денеска и пренесено од ДПА.

Анкетата покажа дека Крамп-Каренбауер има поддршка од 26 отсто од Германците и 39 проценти од поддржувачите на ЦДУ и нејзиниот баварски сојузник-ЦСУ.

Мерц и Шпан имаат поддршка од 22 отсто и 4 проценти од поддржувачите на коалицијата, а 18 отсто од симпатизерите на конзервативниот блок посочуваат дека нема да гласаат за ниту една од нив.

Од германските гласачи, 29 отсто посочуваат дека не се задоволни од ниту еден од кандидатите, а 25 проценти се изјасниле дека се уште не одлучиле кому би му го дале гласот.

Меѓу поддржувачите на опозициските партии има поразлични мислења околу прашањето кој треба да застане на чело на коалицијата на следните парламентарни избори планирани за 2021 година. Речиси 46 отсто од симпатизерите на „Зелените“ ја поддржуваат Крамп-Каренбауер, а само 4 проценти изразуваат поддршка за Мерц. Избирачите на про-бизнис ориентираната Слободна демократска партија и на крајно десната Алтернатива за Германија од друга страна, јасно застануваат зад Мерц како кандидат за канцелар на конзервативниот блок.

Меркел ја напушти лидерската позиција во ЦДУ во почетокот на декември по цели 18 години и беше заменета од Крамп-Каренбауер.