Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ги смета за уцена заканите на ЕУ за нови санкции доколку преговорите меѓу власта и опозицијата во земјата не бидат успешни.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави дека ЕУ ќе ги прошири санкциите против властите во Венецуела доколку преговорите завршат без ниту еден конкретен резултат.

Федерика Могерини сака да го уценува дијалогот. Сметам дека нејзината изјава е злонамерна и апсурдна. Венецуела не прифаќа притисоци и уцени – истакна Мадуро.

Американското Министерство за финансии, пак, соопшти дека по смртта на еден војник кој бил уапсен поради наводно учество во обидот за државен ударвовело санкции против четворица офицери на воено-разузнавачката служба на Венецуела.

Венецуела долг период минува низ длабока политичка криза поради борбата меѓу Мадуро и опозицискиот лидер Хуан Гваидо, кој се прогласи за привремен претседател на државата. Земјата е погодена и од сериозна економска криза, која дополнително е влошена поради американските финансиски санкции кои се воведени во обид да се собори Мадуро од власт.