Темата за можното враќање на Русија како членка на Самитот на Г7 (што во тој случај би имал формат Г8) предизвика напнати разговори меѓу западните лидери што присуствуваат во француски Биариц. Причина за тензиите е тоа што поголемиот дел од лидерите, пред се Европјаните, не се согласуваат со американскиот претседател, Доналд Трамп, во иднина да биде на Самитот да присуствува и Владимир Путин.

Самитот се одржуваше во формат Г8 до 2014 година, кога Русија беше исклучена од групата по припојувањето на Крим.

Како што објави АП, Трамп изјавил дека Русија е една од големите сили и поради тоа е неопходно да биде вклучена во расправите за наважните светски теми. Трамп дури и најави дека би можел да го покани Путин на некое следно заседавање.

Според АП, другите лидери не се сложиле со тоа со образложение дека членовите на групата Г7 се демократски општества, што е причина тоа да не е вистински формат за Русија.

Трамп, сепак, по расправата изјавил дека некои од присутните се сложиле со неговиот предлог.

Сега се работи на тоа. Некои луѓе би сакале Русија да се врати, а јас сметам дека тоа би било добро заради многу работи. Разговаравме за тоа и некое се согласија со мене – изјавил Трамп.

Тој, сепак, не открил кој се согласил со него и признал оти постои можноста ништо да не се случи и Русија и натаму да остане надвор од групата.

Согласност меѓу лидерите немало ни кога се разговарало за Кина, затоа што Трамп инсистирал на неговата политика на трговска војна, потенцирајќи дека нема да се откаже и дека ќе победи, додека останатите сметале дека е точни оти Кина е системски проблем, но дека тој проблем треба да се решава мултилатерално.

За време на кратката расправа за дигиталното даночење, Трамп не ја повторил својата закана, дека ќе ги оданочува француските вина, како одговор на францускиот потег со кој се оданочуваат интернет компании што тргуваат во САД.