Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека е за разговори и дипломатија, но не под моменталните услови, јавува државната агенција Ирна. Додека не се создадат услови за разговор, Техеран продолжи со збогатување на ураниум.

„Моменталната ситуација не е стабилна за разговори и отпорот е наш единствен избор“, изјави Рохани, пренесува Ројтерс.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, претхоно порача дека Иран ќе се соочи со „огромна сила“ ако на било кој начин се противи на американските интереси на Блискиот исток.

Иран пред две седмици се закани дека нема да се придржува кон одредени делови од нуклеарниот договор и дека ќе продолжи со збогатување на ураниум доколку западните земји не си ги исполнат своите обврски кон Иран.

Според податоците на ирнаската Организација за атомска енергија, Техеран за четири пати го зголемил производството на збогатен ураниум. Бехроз Камалванди, еден од претставниците на иранската власт рекол дека таквата одлука е донесена како би се отфрлиле офанзивните сакнции кон земјата.

Тој додава дека Иран нема да го зголемува бројот на центрифуги и дека ураниумот ќе остане на моменталните нивоа на збогатување, односно на 3,5 отсто.

Иако се уште не е познато колку од материјалот Иран досега складирал, Камалванди рекол дека ќе дојдат до бројка од 300 килограми за само неколку недели.

Тој исто така прупреди дека доколку растечкиот проблем не биде решен во рок од 60 дена, Иран ќе продолжи да збогатува ураниум на многу повисоко ниво.

Пред договорот, Иран имал капацитет да збогати ураниум до 20 отсто, што е значително под 90 отсто потребни за нуклеарно оружје, но сепак многу повеќе од 3,6 отсто на колку договорот го ограничи производството.

Претседателот на САД, Доналд Трамп минатата година ја повлече својата земја надвор од нуклеарниот договор, воведувајќи одново економски санкции кон земјата.