Рок од 60 денови на земјите потписнички на нуклеарниот договор да си ги исполнат своите обврски кон Иран, посебно за банкарските и нафтените сектори, во спротивно Техеран ќе престане да се придржува до одредени делови од нуклеарниот договор.

Предупредувањето пристигна од иранскиот претседател Хасан Рохани кој посочи дека ќе продолжи со високо ниво на збогатување на ураниум доколку светските сили не се придржуваат до ветувањата дадени на мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма од 2015 година.

Рохани во телевизиското обраќање наведе дека земјите потписнички на Договорот: Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија имаат 60 денови да ги исполнат своите обврски за да ги заштитат нафтените и банкарските сектори на Иран од американските санкции.

Ако петте земји се приклучат во преговорите и му помогнат на Иран да добие корист во областа на нафтата и банкарството, Иран ќе се врати на своите обврски од нуклеарниот договор, потенцира Рохани.

Тој посочи дека Иран сака да преговара за новите услови со преостанатите партнери, но призна дека ситуацијата е сериозна.

Доколку истече рокот, а не се постигнат подобри услови, Иран ќе почне со поголемо збогатување на ураниум. Доколку другите земји ги исполнат барањата, Иран ќе се врати на првичните ветувања од нуклеарниот договор од 2015 година“, наведе Рохани во писмата испратени до лидерите на Велика Британија, Кина, Европска Унија, Франција, Германија и Русија.

Обраќањето на Рохани се совпаѓа со годишнината од повлекувањето на САД од мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.