Данска планира мигрантите со полициско досие да ги прати на ненаселен остров од каде ќе чекаат депортација, а другите да останат на неодредено време доколку заради состојбата не можат да се вратат во својата татковина.

Данскиот парламент денеска го усвои буџетот за 2019 година во кој е вклучен и предлогот за мигрантите со казнена евиденција да се сместат на островот кој претходно бил користен за научни истражувања.

Планот го критикуваше комесарот на ОН за човекови права, а некои во Данска на ова гледаат и како јакнење на антимигрантските ставови.

Луѓето сметаат дека тоа не е решние на вистинските проблеми, рече Микаел Смед, градоначалник на Вордингборг, општина во која се наоѓа островот.

Владата има намера на казнениот остров да испрати стотици луѓе од кои дел веднаш ќе бидат депортирани, а ќе останат оние кои не може да се протераат заради тоа што во нивните земји им прети мачење или убиство.

Островот Линдхолм се користел како лабораторија за истражување на свински грип, беснило и други заразни болести, но и како локација каде се спалуваат заразени животни.

Во Данска на власт е коалиција на десниот центар со поддршка на десната популистичка антимигрантска Данска народна партија. Од мигрантскиот бран во 2015 кој доведе до воведување контрола на копнените граници, Данска усвои стотина законски амандмани кои ги ограничуваат правата на мигрантите.