Екипата на Црвена звезда се врати на голема врата во најелитното друштво на европски клубови, Лигата на шампионите. Во Беград, на преполниот стадион Рајко Митиќ, „црвено-белите“ одиграа 0:0 против Наполи, со што покажаа дека можат да се носат со многу фаворизираните противници што ги имаат во групата, во која се уште и Ливерпул и ПСЖ.

Во дуелот на овие два тима одигран во Ливерпул, Англичаните славеа со 3:2, со голот што го постигна Роберто Фирмино во втората минута од судиското насополнување. Претходно, голови за Ливерпул постигнаа Даниел Стариџ и Џејмс Милнер, а за францускиот шампион стрелци беа Томас Муние и Килијан Мбапе.

Барселона најубедлива

Шампионот на Шпанија, Барселона, беше најубедлива на првиот ден од Лигата на шампионите. Каталонците го совладаа холандски ПСВ со 4:0, пред се благодарение на Лионел Меси, кој постигна три од головите. Покрај Аргентинецот, во листата на стрелци се запиша и францускиот интернационалец, Осман Дембеле.

Во вториот натпревар од групата Б, Интер со пресврт дојде до победа против Тотенхем со 2:1. Кристијан Ериксен ги доведе Англичаните во предност, но во финишот, Мауро Икарди и Матиас Весино поостигнаа по еден гол за радост на италијанскиот гигант.

Атлетико и Дортмунд сигурни

Фаворитите во групата А, Атлетико Мадрид и Борусија Дортмунд, имаа успешен старт славејќи на гостински терен. Шпанците го совладаа Монако со 2:1, додека германскиот тим го победи Клуб Бриж со 1:0.

Галатасарај со почетна предност

Екипата на Галатасарај го презеде врвот на табелата во групата Д по убедливиот триумф против Локомотив Москва со 3:0. Со оваа победа, Турците се ставија во подобра позиција од екипите на Шалке и на Порто, коишто си поделија по еден бод играјќи нерешено 1:1.