Европско првенство, Лига на нации, успешно минати кавалификации… Македонскиот репрезентативен спорт во 2018 година, како ретко кога, донесе многу позитивни моменти практично во сите колективни спортови.

Ракометарите, фудбалерите, кошаркарите… сите влегуваат во новата година со победнички дух и оптимизам што им дава надеж и очекување за добри резултати и радост за македонските љубителите на спортот.

Млад тим за стар успех

Како што веќе ја навикнаа спортската публика, најактивни и најредовни на големите меѓународни натпреварувања се ракометарите. Токму тие се и првите што ќе го заслужат вниманието на јавноста со новиот настап на Светско првенство, тоа што ќе се одржува од 10 до 26 јануари во Германија и Данска. Македонија ќе настапува во Минхен во група со Бахреин, Јапонија, Шпанија, Хрватска и Исланд. Првиот настап на Мундијалот го имаме на 11 јануари против Јапонија, кога ќе ја почнеме борбата за едно од првите три места коишто обезбедуваат пласман во втората фаза на шампионатот.

За разлика од другите европски или светски првенства на кои нашата репрезентација беше рамноправна со сите противници, на овој мундијал составот на тимот ќе биде со изменет лик. Тоа е поради фактот што селекторот Раул Гонзалез и неговиот асистент, Роберто Гарсија Парондо, ја добија задчата да направат драстично подмладување, односно практично смена на генерации во екипата. Но, тие млади момчиња најавуваат дека ќе бидат достојни замени на своите претходници и дека ќе можат да им се придружат на Кире Лазаров, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и другите, на пат кон добар настап и барем поминување на групата и повторување на пласманот од овогодинешното Европско првенство во Хрватска на кое Македонија заврши на 11. позиција.

Иако, по одличниот настап во првата рунда на првенството имавме шанси и надежи за подобар пласман, македонската експедиција во Хрватска остави одличен впечаток. За тоа говорат и номинациите за најдобриот тим на првенството за кој во конкуренција беа Стоилов и Филип Талески, а Стоилов го имаше и погодокот со „шрауба“ против Германија што беше прогласен за најубав гол по првата фаза во групите Ц и Д. Токму тој гол, но и одличниот впечаток што го оставија македонските навивачи беа дел и од завршниот осврт што за првенството го составија од Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Но, настапот на Светското првенство не е единствениот предизвик што ги очекува македонските ракометари во 2019 година. Тука се и квалификациите за ЕП 2020, во кои нашата селекција го приреди најголемото разочарување со поразот на гости кај Грција. Сепак, ракометарите ќе имаат можност во преостанатите натпревари, два со Исланд и по еден со Турција и со Грција, да дојде до едно од првите две места во групата и да си обезбеди ново појавување на големите натпреварувања.

Квалификациско разочарување за ЕП, доминантно во бараж за СП

За разлика од своите машки колеги, годинава што измина, ракометарките имаа настапи со променлив успех. Летово не успеаја да се пласираат за Европското првенство во Франција, по четирите порази од Србија и Шведска и двете победи над аутсајдерот фарски Острови, но затоа, пак, годината ја финишираа со стил.

Во квалификациите за СП што ќе се одржи во Јапонија во декември 2019 година, Македонија беше доминатна во групата со Исланд, Турција и Азербејџан и со три победи обезбеди место во баражот. Во тој двомеч, противник на нашите ракометарки ќе бидеселекцијата на Словенија, а двата натпревара ќе се играат кон крајот на мај и почетокот на јуни. Ако Македонија успее успешно да ги мине тие две последни пречки, ќе го прекине периодот без настап на големо натпреварување што трае од Европското првнество во Србија во 2012 година.

Ракометарките по пласманот во баражот за СП

Два правци кон фудбалско ЕП

2018 година донесе голема промена во репрезентативниот фудбал во Европа, а со тоа и нова шанса за македонската фудбалска репрезентација да се приближи до пласман на едно големо натпреварување. Лигата на нации, новото натпреварување што го воведе УЕФА им даде шанса на помалите селекции да се борат меѓусебе за место на ЕП во 2020, а таа можност македонските репрезентативци ја искористија во целост.

Во група со Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар беа доминантни и со пет победи и еден пораз дојдоа до првото место во групата, а со тоа и учество во баражот, односно им недостасуваат само два успешни натпревара за пласман на првенството. Првата пречка на тој пат е репрезентацијата на Косово, а доколку славиме во тој дуел, последниот чекор што ќе треба да го направиме е да го победиме подобриот од средбата меѓу Белорусија и Грузија.

Сепак, за калкулации има време, со оглед на то што тие баражи ќе се играат во 2020 година. Во меѓувреме, македонските фудбалери ќе се обидат да дојдат до место на првенството преку стандардните квалификации. Во нив противници ни се Полска, Австрија, Словенија, Израел и Летонија. Со исклучок на Полјаците, коишто се изразити фаворити, со сите други можеме реално да очекуваме рамноправна борба за бодовите, но тоа ќе треба да го покажеме на теренот од 21 март, кога ги отвораме квалификациите дома против Летонија, па се до 19 ноември, кога во последниот квалификациски дуел играме дома против Израел.

Кошаркарите се враќаат каде што ни е местото

Годинава што измина може и треба да се обележи како успешна за македонската кошаркарска репрезенатција. По дебаклот од 2017 година кога во квалификациите за Светското првенство испаднавме во групата со Косово и со Естонија, во 2018 година кошаркарите се на чекор од враќање во нормален квалификациски циклус. За такво нешто кошаркарите прво ја минаа првата претквалификациска група, во која, кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, противници ни беа Швајцарија и Словачка.

Тоа ни овозможи да играме и во втората претквалификациска фаза во која, во конкуренција на Косово и на Романија сме убедливо први со максимални три победи од три натпревари.

За заверување на првото место што води во квалификациите ни е потребно да не загубиме во последниот дуел на гости против Романија со повеќе од 13 разлика. Тој натпревар го играме на 21 февруари, по што во случај на успешен исход, ќе не очекуваат квалификациските дуели, коишто ќе се играат во четири периоди. Од 25ноември до 3 декември 2019, 17-25 февруари 2020, 2 ноември до 1 декември 2020 и 15-23 февруари 2021 година.

Одбојкарите на два меча од Европско првенство

Во новата година, први на терен ќе излезат одбојкарите, коишто се борат за пласман на Европското првенство што ќе се одржи во Белгија, Франција, Холандија и Словенија во септември 2019 година. Македонија е во група со Украина, Унгарија и Швајцарија, а својот настап одбојкарите ќе го имаат веќе в сабота (5 јануари) на гости во Украина. Четири денови подоцна (9 јануари), селекцијата ги завршува квалификациите со домашен дуел против директниот ривал Унгарија.

Во моментов, Македонија со две победи против Швајцарија и два пораза во по пет сетови од Унгарија и Украина се наоѓа на втората позиција во групата, а тоа е токму местото коешто посакуваме да го имаме и по двете претстојни средби, со оглед на тоа што Украинците се први со максимални четири победи. Второто место во групата ни е потребно затоа што од седумте квалификациски групи, освен победниците и пет второпласирани селекции ќе одат на континенталниот собир.