По инфарктот што го преживеа на тренинг на први мај, Икер Касилјас, ја завршува фудбалската кариера. Како што објавува португалскиот весник „О Жого“, Касилајс, кој на 20 мај ќе наполни 38 години, сака да стави крај на шпекулациите во врска со неговата иднина и во скоро време официјално ќе го објави своето повлекување од професионалните фудбалски терени.

Можноста за повлекување на шпанскиот голман, ден претходно ја најави и претседателотна Порто, Пинтo да Коста, кој истакна дека за Касилјас ќе има место во структурата на клубот.

Касилјас има договор што трае уште една година, но сакаме да остане дел од клубот подолго време. Тој е еден од нашите и за него секогаш ќе има место во Порто – изјави да Коста.

Од своја страна, по напуштањето на болницата каде што беше опериран, Касилјас јасно стави до знаење дека фудбалот нема да му биде на прво место во понатамошниот живот.

Ќе направам одмор од неколку недели или неколку месеци, не знам точно. Сеедно ми е, најважно е што сум тука и што сум жив. Не знам што ќе донесе иднината, но важно е дека сум тука меѓу вас – изјави Касилјас.