Македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас, е еден од десетте најголеми кандидати да се промовира како идна голема ѕвезда во Лигата на шампионите. Такво е мислењето на новинарите од најтиражниот шпански спортски дневен весник, „Марка“, коишто напаравија листа на десет млади фудбалери, не премногу познати на пошироката јавност, коишто имаат големи шанси да ја воодушеват публиката со своите настапи во најголемото клупско натпребарување во Европа.

При рангирањето на Елмас, од „Марка“ го опишуваат Елмас како комплетен фудбалер, кој има способност да настапува на сите позиции во средниот ред.

Македонецот одлично комбинира со соиграчите, дрибла, прави пробиви со топката во нозе, но не бега од физичките дуели во фазата од одбраната. Тие квалитети придонесоа за трансферот вреден 16 милиони евра од Фенербахче во Наполи, за кого веќе настапи на трите првенствени натпревари досега, одигрувајќи вкупно 110 минути – пишува „Марка“.

Покрај Елмас, место во десетката на потенцијални откритија на ова издание на Лигата на шампионите има и за неговиот соиграч од Наполи, голманот, Алекс Мерет, за двојката од Салцбург, Доминик Шобошлај и Ерлинд Брауг Халанд, како и за Дани Олмо (Динамо Загреб), Јанис Хаџи (Генк), Ибраима Конате (Лајпциг), Лисандро Мартинез (Ајакс), Маркос Антонио (Шахтјор) и Оливер Скип (Тотенхем).