Лигата на шампионите е најпрестижното клупско натпреварување во Европа, турнирот каде што блеснуват најголемите фудбалски ѕвезди на денешницата. Истовремено, ова натпреварување честопати е сцената на која се врши презентација на фудбалскиот талент на младите фудбалери коишто веќе се и ќе бидат идните идоли на навивачите.

Овие млади фудбалери најчесто добиваат шанса во екипи што не се меѓу најголемите фаворити за титулата, но не се ретки случаите кога токму такви млади фудбалери играат голема улога во тимови за коишпто се очекува и што ќе бидат дел од завршните борби.

Ова се пет фудбалери до 21 година, коишто би требало да имаат значајна улога во некои од најголемите претенденти за освојување на Лигата на шампионите.

Жоао Феликс (Атлетико Мадрид)

Португалецот беше фудбалерот што минатата година најмногу напредуваше што беше причина летово Атлетико Мадрид да и плати на Бенфика 126 милиони евра, со што Фелиск стана третиот најскап фудбалер во историјата. Токму тој ќе треба да биде еден од главните играчи што ќе имаат задача да го однесат Атлетико до ново финале и обид за освојување на првата титула.

За неговиот потенцијал достојно да ја испплни таа задача говорат способноста да игра на сите места во навалната линија како и бројките остварени лани од 20 постигнати голови и 11 аситстенции.

Матијс де Лихт (Јувентус)

Холандскиот стопер веќе знае како е да се биде дел од самата завршница на Лигата на шампионите, успех до кој дојде лани со фантастичната екипа на Ајакс. Неговиот придонес во таквата сезона на Ајакс, беше најдобра препорака за Јувентус да одвои 75 милиони евра за негов ангажман.

А, дека ова ќе биде сезона на Де Лигт, можеби покажува и повредата на искусниот Џорџо Киелини, којашто му го отвори местото на Холанѓанецот во првиот тим на „Старата дама“. Сега останува на него да ги прикаже одличните игри од ланската сезона и да биде значаен фактор во обидот на италијанскиот гигант да се врати на тронот на Европа.

Ансу Фати (Барселона)

Барселона летово се засили неколкумина големи имиња, како Ентоан Гризман од Атлетико Мадрид или Френки де Јонг од Ајакс, но никој не ги возбуди надежите на навивачите на клубот како 16-годишниот Ансу Фати. Довчерашниот член на младинската екипа на Барселона, кој сезонава дебитира во првиот тим, на дуелот против Осасуна во предминатото коло стана најмладиот стрелец во историјата на Барса (16 години и 304 денови), како и третиот најмлад во историјата на шпанската Примера.

Својот потенцијал, Фати го покажа и викендов кога против Валенсија имаше гол и асистенција и сега се надева на историски подвиг во Лигата на шампионите. Доколку биде стрелец против Борусија Дортмунд, Фати ќе стане најмладиот стрелец во историјата на Лигата на шампионите.

Винисиус Жуниор (Реал Мадрид)

По очајната ланска сезона во која испадна во осминафиналето, екипата на Реал Мадрид очекува многу подобар настап сезонава. За таа цел клубот потроши повеќе од 300 милиони евра за нови засилувања, меѓу кои најзвучното име е Еден Азар, но евентуалниот успех или неуспех на „кралевите“ ќе зависи од играта на 18-годишниот Винисиус Жуниор.

Бразилецот лани беше вистинско откровение и со три голови и 12 асистенции беше една од ретките светли точки во тимот. Поради големиот број повреди во „кралскиот тим“ Винисиус има големи шанси за значителна минутажа и со својата продорност и одлична техника може да придонесе за враќање на Реал Мадрид кон европскиот трон.

Жадон Санчо (Борусија Дортмунд)

Англискиот репрезентативец во редовите на Борусија Дортмунд, Жадон Санчо, веќе две сезони е еден од најдобрите и најклучните фудбалери во германската Бундеслига и годинава ќе биде главната надеж на „жолто-црните“ повторно да бидат една од најнезгодните екипи во Лигата на шампионите и фаворит во сенка за највисок пласман.

Бројките на 19-годишниот Санчо, кој ланската сезона ја заврши со 13 голови и 19 асистенции, навестуваат дека во многу скоро време ќе биде меѓу имињата што ќе се спомнуваат за освојување на Златната топка, а значаен чекор кон влегување во тоа друштво ќе биде одличен настап во дуелите од Лигата на шампионите.