Грција се уште се справува со последиците од циклонот „Ксенофон“ кој донесе силни ветришта и осетен пад на темпаратурите, како и прв снег на Олимп, а веќе земјата се подготвува да се справи со феноменот Медикен. Станува збор за Медитерантски циклон на југот на Јонско Море кој е наречен „Зорба“ кој треба жестоко да удри во сабота. Најпогодени ќе бидат делови на Грција и на Турција, доколку циклонот оди според утврдената патека.
Циклонот уште се формира, добива на сила и врвот треба да го постигне утре кога ќе ги погоди Крит и Пелопонез, а потоа ќе продолжи кон Додеканезите и понатаму кон Турција.
„Зорба“ носи силни ветрови, на море ќе достигнат до 10 бофори, односно силината ќе му биде до 150 километри на час, а со себе носи обилни врнежи и ќе крене бранови до 11 метри.
Според сите изготвени модели на временските услови, се очекуваат до понеделник на места поплави загрозувачки по животите на луѓето. Во некои области можно е да наврнат дури 700 милиметри на квадратен метар.