Силна и ретка бура, налик на ураган и тајфун, претстојниов викенд ќе го погоди источниот дел на Средоземното Море, јави Си-Ен-Ен. Според телевизијата, станува збор за хибридна бура, која се нарекува Медикејн.

Податоците од едно истражување спроведено во 2011 година укажуваат дека во текот на една година се случуваат една или две бури Медикејн и дека тие најчесто се јавуваат во септември или октомври кога водата на површината на Средозменто Море и натаму е релативно топло. Сепак, покрај во септември или во октомври, Медикејн бура може да се појави и во кој било друг период од годината. Особено силна Медикејн бура го погоди подрачјето во близина на италијанскиот остров Сицилија во 2014 година. Сегашната бура последниве денови предизвика поплави во делови на Тунис и Либија, а сега преку Медитеранот се движи на север кон Европа.

Си-Ен-Ен наведува дека минувајќи преку Средоземното Море бурата најверојатно ќе поприми карактеристики на ураган и утре ќе ги погоди грчкиот остров Крит и јужните делови на Грција, по што ќе се упати на исток кон Турција.

Се очекува деловите низ кои ќе мине бурата да бидат погодени од обилни врнежи и силни ветришта.

Како што претходно јави МИА, Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција соопшти дека државните институции се во состојба на готовност во очекување на бурата и апелираше до граѓаните да бидат внимателни.

Поради приближувањето на циклонот училиштата и градинките денеска се затворени во голем дел од Грција.