Прочуената белешка од 1944 година на која е запишан договорот меѓу британскиот премиер Винстон Черчил и советскиот лидер Јосиф Сталин за поделба на сферите на влијание во европските држави по Втората светска војна, посебно на Балканот, за прв пат може да се види како дел од изложбата, што е отворена во Лондон, соопшти „Дејли меил“.

Изложбата е организирана од британскиот Национален архив под наслов „Откритија за Студената војна на Велика Британија“ и ќе трае до 9 ноември.

Постоењето на белешката е одамна познато, ја открива самиот Черчил во 1953 година, во последниот том од своите мемоари. А, самиот го нарекува „циничен документ“.

Меѓутоа, сега се покажува дека поделбата не е напишана на салфетка, како што се сметаше, туку на лист хартија. Самата идеја за поделба на сферите на влијание е на Черчил, како и напишаната белешка. Тајниот договор двајцата лидери го склучиле на средба во Кремљ на 9 октомври 1944 година, неколку месеци пред конференцијата на Јалта.

Договорот е резултат на разговори меѓу Черчил и Сталин до раните часови, откако тие се напиле доволно виски, вели главниот куратор на изложбата Марк Дантон. Тој посочува дека е многу важно белешката да биде објавена заради огромното значење, што го има едно мало парче хартија.

Судбината на милиони луѓе е предодредена со едно повлекување со молив, Дантон.

Белешката почнува со објаснување дека е напишана од Черчил за време на средба со Сталин во Кремљ. Следува набројување на држави и процентот на влијание, што ќе го имаат СССР и Велика Британија и западниот свет.

Прва е Романија, која е поделена 90% на Русите, 10% на други. Следува Грција/90% Велика Британија во договор со САД и 10% за Русите. Југославија е поделена 50-50%, како и Унгарија. И последна е Бугарија-75% за Русите и 25% за други.

На листот има забелешка со син молив, што ја дава Сталин во знак на согласност.

Се се реши за покусо време, отколку што на човек му треба да седне, раскажува во своите мемоари Черчил.

Во нив тој признава дека ако белешката излезе пред светот, таа ќе биде „бездушна“, како и тоа дека американските сојузници би биле шокирани ако дознаат колку брутално го решил прашањето. Затоа му предложил на Сталин да го уништат листот.

За да не се гледа дека сме постапиле брутално и цинично кон прашања, кои се судбоносни за милиони луѓе, ајде да го запалиме листот, биле неговите зборови упатени кон Сталин, што тој ги открива во мемоарите.

Но, советскиот лидер му возвратил:

Не, сочувајте ги.