Драматични слики на судири меѓу мигранти и грчката полиција вчера и денес се видени во селото Ѓавато, во близина на Солун. Според локалниот Гр-тајм, мигрантите го блокирале и железничкиот сообраќај, а целосно ја затворија железничката станица во Лариса, со што практично тој дел на Грција нема железничка врска со Солун.

Пресинг ТВ минатата недела објави еден извештај кој предвиде дека на 5 април ќе тргне еден конвој бегалци кон Јанина, но сега бегалците решиле да ја променат рутата и да тргнат кон границата со Македонија, по дадена таква инструкција преку Фејсбук .

Тензиите почнаа вчера, а тие продолжија и денес кога 500 мигранти од еден див камп решија да тргнат Идомени-Богородица и на препада ја преминат границата со Македонија.

Денес изутрина група жени се обиде да го пробие полицискиот кордон, но не успеаа во тоа. А, вчерашните судири со полицијата завршија со апсење на еден Ирачанин заради давање отпор при апсење и нанесување повреда на полицаец. Медиумите објавија дека конвојот тргнал кон границата со Македонија откако на Фејсбук била објавена лажна информација дека македонските власти ќе ја отворат границата и ќе ги пропуштат на патот, најверојатно, за Германија како крајна дестинација.

По ова реагираше министерот за миграции, Димитрис Вицас кој категорично кажа дека границите нема да бидат отворени.

Од друга страна, денес бегалците ја запоседнаа железничката станица во Лариса, а надлежните соопштија дека е невозможно да се одвива железничкиот сообраќај. Околу 300 мигранти протестираат и бараат да бидат префрлени до Ѓавато, Солунско, за да им се приклучат на другата група мигранти.