Во Србија се очекува да пристигнат 250 000 дози од руската вакцини „Спутник В“, а при крај се разговорите со „Астра Зенека“ за 800 000 дози, изјави државниот секретар во српското Министерство за здравство Мирсад Ѓерлек.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓерлек изјави дека вакцините на „Астра Зенека“ ќе се набавуваат преку Полска, како што најави српскиот претседател Александар Вучиќ и додаде дека се очекуваат уште кинески вакцини.

„Вчера пристигнаа 11 700 дози од вакцината на „Фајзер“, следниот понеделник ќе пристигнат уште 9 300, но затоа на 15 февруари ќе пристигнат 40 900 дози, а на 22 февруари 46 800 дози. Тоа значи дека во февруари ќе пристигнат околу 105 300 дози од вакцината на „Фајзер“, изјави Ѓерлек за Радио-телевизија Србија.

На прашањето за британскиот вид на коронавирусот, кој е регистриран во Србија, тој изјави дека нема причина за паника, но има простор за претпазливост и сериозност, имајќи предвид што сѐ случува во земјите каде што се има појавено.

Тој, исто така, посочи дека досега одобрените вакцини даваат одлична реакција, односно создаваат имунитет и против тој нов вид на коронавирусот.

Во Србија денеска продолжува масовната имунизација на населението, но по препорака на владата од денеска ќе можат да се вакцинираат исклучиво граѓаните што се имаат пријавено за вакцинација, а не како досега и оние што самоиницијативно доаѓаа на пунктовите за имунизација. До денес во Србија се вакцинирани 278 491 лице.