Грција застана на патот на Албанија кон ЕУ
Грција најави можно вето за приемот на Албанија во Европската Унија, што доаѓа откако албанските власти го уапсија Фреди Белерис, градоначалник на албанскиот град Химара кој е етнички Грк. Како резултат на влошувањето на односите меѓу двете земји, Грција одбила да даде согласност за отворање на првата транша средства кои Албанија ги очекува по почнување на преговорите.
Албанија се надева дека до крајот на годинава ќе може да ги почне преговорите со ЕУ, независно од тоа дали Македонија во меѓувреме ќе успее да ги надмине бугарските пречки за истиот чекор.
Албанија и Македонија се сметаат како дел од група во ЕУ интеграциите, и се очекуваше дека вето за Македонија ќе значи вето и за Албанија. Поради новиот интерес од страна на ЕУ за проширување, со давањето на кандидатски статус на Украина и Молдавија, Албанија се понадева дека ќе ги почне преговорите, но можно е Грција да и застане на патот.
Градоначалникот Беларис е обвинет за корупција, а во меѓувреме албанските власти не му дозволуваат да ја преземе функцијата на која што беше избран. Химара е мнозински грчки град на југот на Албанија, и Грција има силен интерес во тамошните настани.
Грчкиот весник Катимерини, кој извести за овој потег на Грција, го најавува блокирањето на финансиските средства на Албанија како „прва грчка блокада“ на Албанија во ЕУ. Весникот најавува дека се можни и натамошни чекори, кои ќе зависат од однесувањето на Албанија.