Протестот на албанската опозиција пред парламентот попладнево ескалира, но нема информации за директен судир меѓу демонстрантите и полицијата. Демонстрантите запалиле неколку гуми, фрлаат со дрвја по полицијата која не дозволува ни пиле да прелета кон зградата на парламентот и постојано фрлаат петарди кон нив и свират со вувузели. Тие бараат оставка од премиерот и запалија неколку карикатури со ликот на Еди Рама.

Претходно на седницата на парламентот Рама рече дека нема намера да поднесе оставка, дека парламентарни избори ќе има во 2021 година, а во јуни ќе се спроведат локалните избори.

И додека владее тензична атмосфера пред парламентот, локалните медиуми објавија дека премиерот Рама отпатувал за Италија. Тој изјави дека оди за Италија за да го брани угледот на Албанија во странство. Меѓутоа некои медиуми објавија дека тој не оди во официјална посета туку за да учествува на едно од најпопуларните ТВ шоу програми во Италија.