Илјадници демонстранти кои ја поддржуваат албанската опозиција денеска ја опколија зградата на Парламентот во Тирана, барајќи оставка на Владата и предвремени избори.

Некои од демонстрантите фрлаа факели и палеа гуми, но, протестот, сепак, заврши мирно.

Зградата на Парламентот беше опкружена со бодликава жица, а ја чуваа стотици полицајци.

Албански медиуми информираа дека секој кој сака да мине низ „забранетата зона” мора на полицијата да и покаже документ за лична идентификација.

Исто така, полицијата не дозволуваше медиумите да влезат во зградата на Парламентот, за да не можат да се сретнат со членовите на владејачката Социјалистичка партија.

Пратениците на опозициската Демократска партија поднесоа оставки, а опозицијата вети дека ќе се собира пред Парламентот секогаш кога ќе има седница.

Премиерот Еди Рама повика на дијалог со опозицијата, но рече дека нема да се преговара за демократија, парламентаризам и за мандатот кој е добиен од мнозинството граѓани.

Опозицијата не ги послуша повиците на Европската унија, САД и меѓународните организации да разговараат со своите политички противници.

Владејачката Социјалистичка партија има 74 пратеници во Парламентот од вкупно 140 места