Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска точно на пладне ќе има обрати до јавноста по повод синоќешните случувања од протестот „1 од 5 милиони“, кога дел од демонстрантите и лидери на Сојузот на Србија упаднаа во зградата на РТС.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, Вучиќ ќе се обрати во 12 часот од претседателската палата.

Доцна синоќа во изјава за Танјуг, премиерката Ана Брнабиќ најостро го осуди насилството на синоќешните протести и упадот во јавниот сервис порачувајќи дека државата нема да толерира насилство.

Претходно и министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, упадот на демонстрантите во зградата на РТС го нарече насилство кое не може да се дозволи.

Колоната од протестот „1 од 5 милиони“ која тргна од Филозофскиот факултет, застана кај зградата на РТС, ја обиколи, а во неа први влегоа лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ и една од организаторките на протестот Јелена Анасоновиќ.