Во текот на ноќта до осум часот утринава се почувствувани 49 последователни земјотреси во Атина. Според податоците од грчкиот Геодинамички институт, еден од тие земјотреси бил над четири степени според Рихтер, два над три, додека останатите 46 земјотреси биле под три степени. Оваа серија земјотреси доаѓа по силниот земјотрес од 5,1 степен според Рихтер што ја потресе грчката метропола во текот на вчерашниот ден.

Грчките сеизмолози ја коментираат оваа активност како нормална и очекувана и сметаат дека земјотресот од 5,1 степен бил главниот во серијата.

Министерот за цивилна заштита, Михалис Хрисохоидис изјави дека државниот механизам ќе остане во состојба на готовност и во текот на викендот, додека, пак, од денеска се очекува да почне регистрацијата на штетите.

Во вчерашниот земјотрес се урнаа два стари и ненаселени објекта во две атински населби, а претрпеа штета фасадите на домови и згради во различни делови на Атина. Во неколку населби во Атина, противпожарната служба на Грција добила повици од граѓани кои биле заглавени во лифтови.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа го посети Координативниот центар за операции на Противпожарната служба на Грција, каде што беше информиран за активностите и подготвеноста за справување со последниците од земјотресот.

Сакам уште еднаш да кажам едно големо браво за државниот механизам што многу брзо се мобилизираше, следејќи ги сите оперативни планови и верувам дека одговори задоволително во овој вонреден случај. Грција е сеизмичка земја, научивме да живееме со земјотреси. Ова беше уште еден земјотрес, во иднина ќе има и други, нема сомнеж за тоа, и првата грижа на државата е да ги заштити животите и имотите на граѓаните – изјави Мицотакис.

Министерот за туризам на Грција, Харис Теохрарис и неговиот заменик Манос Консолас, по вчерашниот земјотрес стапиле во контакт со претставниците на туристичките агенции и организации за да ги информираат и да им достават упатства за информирање на туристите кои што се наоѓаат во Атина како да се заштитат и што да прават во случај на земјотрес.

Упатствата, што се објавени и на сајтот на Министерството за туризам на Грција, им објаснуваат на туристите дека земјотресите се чести во земјата, а зградите се изградени со можност да издржат ваков вид на потреси.