Лидерот на ПАН коалицијата Кадри Весели одговори на писмото од претседателот на Косово, Хашим Тачи, истакнувајќи дека нема да има нов мандатар и повтори дека изборите се неизбежни.

Тачи денеска побара од Весели заедно со коалициските партнери, да предложат кандидат за мандатар за формирање на новата Влада, откако премиерот Рамуш Харадинај поднесе оставка.

Весели повтори дека „изборите се неизбежни и во најдобар интерес на Косово“ и в понеделник закажа седница со една точка на дневен ред – распуштање на Собранието.

Претходно, Тачи упати писмо до лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и претседател на Собранието, Кадри Весели со барање, заедно со коалициските партнери, да предложат кандидат за мандатар за формирање на новата Влада, откако премиерот Харадинај поднесе оставка.

Во службеното барање на Тачи, кое го пренесе агенцијата „КосоваПрес“, се наведува дека коалицијата која формира влада по последните избори, а која ја сочинуваат ПДК, Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Харадинај, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај и Алијансата ново Косово (АКР) на Беџет Пацоли, „имаат право да предложат нов кандидат за формирање на Влада на Република Косово“.

– Процедурално, по одредувањето на мандатарот за формирање на владата на предлог на политичката партија или коалицијата која го сочинува мнозинството во Собранието, новиот кандидат за премиер, не подоцна од 15 дена по именувањето го предлага составот на новата Влада пред Собранието на Косово и бара негово изгласување. Дотолку тој предложен состав не го добие потребното мнозинство гласови, претседателот во наредните десет дена именува друг кандидат според истата процедура. Доколку и вторпат не се избере влада, тогаш претседателот прогласува избори кои треба да се одржат не подоцна од 40 дена од нивното прогласување, образложи Тачи во писмото до Весели.

Повеќето парламентарни партии, меѓу кои и ПДК и коалициските партнери,како и опозицијата, објавија дека не прифаќаат техничка или преодна Влада и бараат што поскорешно одржување предвремени избори