Министерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис од началниците на полицијата на нивната вчерашна средба, побарал до крајот на годинава да се намали криминалот во земјата за 25 проценти, објави денеска весникот „Катимерини“.

Министерот ги истакнал целите за периодот август -декември 2019 година и побарал да се зајакнат патролите со мотори и објаснил дека сработеното на сите полициски одделенија ќе се контролира преку онлајн систем.

Во центарот на Атина, особено на популарните туристички локации се забележува зголемено присуство на полиција, а во атинското метро, полицајци во цивил „ловат“ крадци на паричници, мобилни телефони и чанти, jави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатите неколку дена во два одвоени случаи во метрото во Атина биле уапсени три лица во обид да украдат паричници од патници.