Одлуката за отворање разговори за пристапување во ЕУ со Албанија и Македонија „е клучна не само за обете држави, туку и за целиот регион и ЕУ“, рече шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, според Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС). Изјавите беа дадени на традиционална работна вечера со лидерите од Западен Балкан на маргините на 74-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, објави Албаниан њуз.

Могерини и шефовите на држави и влади на Балканот, исто така, изразија поддршка за продолжување на дијалогот меѓу Србија и Косово, изразувајќи надеж дека може да се постигне „правен обврзувачки договор за целосна нормализација на односите“ меѓу двете земји, соопшти ЕЕАС.

За време на состанокот, сите балкански водачи го потврдија својот „силен ангажман кон европската перспектива“ гарантирајќи дека „работата на реформите и регионалната соработка ќе продолжи“. На работната вечера со Могерини, објавија локалните медиуми во Белград, присуствуваа министрите за надворешни работи на Србија и Босна и Херцеговина, Ивица Дачиќ и Игор Црнадак, македонскиот премиер Зоран Заев, косовскиот претседател Хашим Тачи.

Албанскиот премиер Еди Рама не присуствуваше откако мораше нагло да замине од САД поради силниот земјотрес во Албанија. Сепак, Рама во понеделникот одлучи да патува назад во Њујорк.