Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека ќе предложи нова средба на високо ниво во рамки на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово пред седницата на Генералното собрание на ОН.
Изјавата на Могерини доаѓа по одделните средби што во Брисел ги имаше со претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.

Ќе свикам средба на високо ниво во Брисел во рамки на дијалогот пред седницата на Генералното собрание на ОН, за да ги обединам двете страни заради продолжување на работата на содржината на договорот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово – соопшти Могерини.

Таа додаде и дека верува во постигнување договор помеѓу двете страни во наредните месеци.

Денеска во Брисел требаше да се одржи уште еден круг преговори на високо рамниште меѓу Белград и Приштина. Српскиот претседател Вучиќ си замина од Брисел по средбата со Могерини, без да разговара со косовските претставници.