Идејата за територијална размена за Србија и Косово не треба да биде отфрлена веднаш и покрај опасностите во регионот и надвор од него, смета еврокомесарот за проширување на ЕУ и добрососедство Јоханес Хан.

Во оваа етапа ние би требало да им дозволиме на двете страни да ја разгледаат оваа и други идеи и со поддршка од ЕУ да преговараат за нив, изјави Хан за германскиот весник „Велт“ пред денешните разговори во Брисел.

Хан додаде дека сфаќа оти тоа е „емотивен процес“, но ги отфрли стравувањата дека промени на границата би можело да доведат до некаков вид етничко прегрупирање.

Тоа нема да се случи, истакна тој.

Еврокомесарот изрази увереност дека „владите на Србија и на Косово ќе работат одговорно“ и додаде дека секој договор ќе добие меѓународна поддршка само ако ги исполни регионалните барања и донесе повеќе стабилност во регионот.