Група организации кои ги претставуваат Македонците во Бугарија објавија извештај за кршење на правата на Македонците кој ги покрива настаните од минатата година. Во извештајот, кој го објави Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права, се наведуваат бројни примери на кршење на политичките права од страна на бугарските институции, говор на омраза од високи службеници и од медиумите насочен против Македонците и примери за како судовите создаваат правни лавиринти за да спречат регистрирање на македонските организации.

Во извештајот се оценува дека е малку веројатно положбата на Македонците во Бугарија да се подобри без сериозна надворешна интервенција, пред се од страна на европските институции.

– Негирањето и дискриминацијата на македонското малцинство е последниот остаток од тоталитарните политики во Европската Унија, оценуваат македонските организации, кои бараат од Бугарија итно да го признае постоењето на етнички малцинства во земјата, да го измени законот за регистрирање на невладини организации, да ја поништи одлуката на Уставниот Суд од 2000 година и декларацијата на Собранието од 1990 година во кои се негира постоењето на македонско малцинство, и да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права така што ќе дозволи регистрирање на македонските организации. Извештајот е изработен од Комитетот за заштита на човекови права Толерантност, со поддршка од ОМО Илинден – Пирин, Здружението на репресирани Македонци – жртви на комунистичкиот терор, ОМО Илинден, Здружението за заштита на основните човекови права, Граѓанската иницијатива за признавање на македонското национално малцинств во Бугарија и за одбрана на правата на бугарските граѓани со македонска самосвест, Македонскиот клуб за етничка толеранција во Република Бугарија и весниците „Народна Волја“ и „Македонски Глас“.

Во нивниот извештај, на 30-ина страници, се опишува како е забрането регистрирањето на организациите на Македонците како ОМО Илинден, и покрај тоа што за некои од овие случаи, има пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се стари веќе 20 години. Се посочува како Бугарија годинава била осудена од страна на Комитетот за почитување на обрските на земјите членки во Советот на Европа кој ја повика Бугарија да „преземе решителни мерки за да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со признавањето на правото на слобода на здружување на лицата кои сакаат да го унапредат признавањето на македонското малцинство во Бугарија и да ја промовираат македонската култура… и да им дозволат на лица кои се идентификуваат како етнички Македонци да ги регистрираат своите здруженија и да се воздржат од праксата да одбиваат регистрирање поради непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија“.

Во јануари 2020, Регистарот за впишување повторно одбил да го регистрира ОМО Илинден поради наводни технички неправилности. Барањето за регистрирање од Здружението на репресирани Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор било одбиено двапати од Регистарот и еднаш од основниот суд во Благоевград, наводно поради тоа што здружението имало политички цели. Притоа други слични организации кои не ги застапуваат интересите на Македонците биле регистрирани. Здружението поднело жалба до Апелацискиот суд во Софија, од каде добило одговор дека тоа што здружението „се залага за заштита на македонската самосвест и правото на самоопределување, во одбрана на правата и слободите на Македонците во Бугарија“, како и со самото прогласување дека постои македонско малцинство во Бугарија, „работи против единството на бугарската нација и територијалниот интегритет на земјата“.

Македонскиот клуб за етничка толеранција во Република Бугарија добил негативен одговор во ноември 2020 година, наводно затоа што неговите цели наликувале на цели за кои треба да се залага политичка партија. Истиот аргумент го искористил окружниот суд во Благоевград, кога го одбил барањето за регистрирање на Македонскиот клуб за етничка толеранција во Република Бугарија, но со дополнителна оценка дека целите на клубот наводно се насочени кон „менување на унитарниот карактер на државата, територијалниот интегритет и единството на нацијата“. Регистарот за впишување повеќе пати инсистирал дека овие организации би требало да се регистираат во Македонија поради своите наведени цели, односно дека нивното регистрирање во Бугарија би значело примена на македонското право на бугарска територија – проѕирна правна пречка за да се спречи регистрирањето.

Во јули, окружниот суд во Благоевград ја повлекол регистрацијата на Здружението за заштита на основните граѓански права, нецела година откако Здружението било регистрирано. Членови на здружението Антички Македонци, пак, во септември 2020 година биле повикани на полициски распит во Софија, иако живеат 300 километри од главниот град, каде биле испрашувани за наводно „перење пари“, при што биле држени во мачни положби и принудувани да одговараат на провокативни прашања.

Во извештајот исто така се наведуваат бројни примери на говор на омраза насочен против Македонците, а особено растечката пракса да се обвинува за „ширење на македонизам“. Наведени се изјави на пратеници на бугарски партии како Стојан Божинов од ВМРО-БНД, дека „Македонизмот е големо-српска супремацистичка идеологија“ и „најлошото нешто што и се случило на Бугарија“. Поранешниот вицепремиер Красимир Каракачанов е наведен со изјавата дека Македонците „ја фалсификуваат историјата и ја крадат бугарската историја по што ја претставуваат како македонска“, додека заменик министерот за правда Јордан Јорданов е цитиран како вели дека „проблемот со создавањето на македонското малцинство е поттикнат од надвор од нашата земја, од Коминтерната, Советскиот Сојуз, а подоцна од Белград и Скопје“. Секако, тука се и коментарите на премиерот Бојко Борисов, дека „бугарските комунисти и комунистичката Интернационала, контролирани од сталинистичка Москва, поради нивни идеолошки причинии сакаа по Втората Светска Војна од Бугарите во Македонија да направат Македонци“.

Се наведува и дека сите бугарски членови на Европскиот Парламент гласале за бришење на забелешката за нерегистрирањето на ОМО Илинден во резолуцијата на Парламентот со која Бугарија се осуди за непочитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Македонските организации во Бугарија со жалење констатираат дека сите бугарски политичари, дури и тие кои градат имиџ на либерални политичари без предрасуди, се гласни во негирањето на постоењето на македонското малцинство. Меѓу нив се наведени европратеникот Радан Кунев кој го додал зборот „таканаречено“ за македонското малцинство велејќи дека „категорично го отфрла концептот дека такво прашање постои меѓу двете земји“. Друг пример е водачот на протестите во Бугарија Христо Иванов, кој одбива да разговара на темата велејќи дека прашањето на ОМО Илинден претставува „обид да се пренасочи дебатата“ во Бугарија, додека социјалистичката европратеничка Елена Јончева инсистира дека „не постои македонско малцинство“.

– По ова прашање, не постои разлика меѓу либералните и екстремно националистичките политичари, оценуваат здруженијата во својот извештај, кој е достапен на англиски јазик на интернет страницата на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права од Канада.