Се следи случајот. Има нови моменти, но да не навлегуваме за да не се наруши случајот и да се остави на судовите да го кажат последниот збор, истакна денеска од собраниската говорница премиерот Христијан Мицкоски прашан за случајот „Мазут“.

-Од блиску го следиме случајот и сето тоа што е поврзано со тој случај. Нашиот став како Влада јасно беше соопштен. Има жалба на одлуката на обвинителството од страна  на компанијата ЕСМ. Тоа што го знам е дека случајот е прераспределен во рамките на Вишото јавно обвинителство. Не би сакал да коментирам повеќе за да не бидам погрешно сфатен дека влијаеме како Влада врз одлуките и на Обвинителството и на судството. Тоа што го очекувам, веќе го кажав одговорот на претходното ваше прашање. Но, она што е значајно е не само јавноста, туку и ние одблиску го следиме тој случај.  Министерот за внатрешни работи имаше едно интервју на кое што кажа дека има нови моменти, има нови докази. Да не навлегуваме за да не го уништиме случајот. Да почекаме Обвинителството, а потоа доколку се оформи судски процес, и судовите да го кажат последниот збор – рече премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање.