– Денеска се раѓа нова политичка сила, со цел не само политичка промена, туку и промена на политиките, порача поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас за време на митингот во центарот на Атина, промовирајќи ја неговата нова партија под името Грчки левичарски сојуз или скратено ЕЛАС, јави дописничката на МИА од Атина.
Со Акропол зад него, од историската атинска населба Тисио, Ципрас порача дека „дојде денот“ и дека се прави првиот чекор за „ново општествено мнозинство“.
Тој говореше за седумте заложби вклучени во основачката декларација: за живот со достоинство, силна демократија и економија, праведен развој, социјална држава, дигитален суверенитет и силна Грција, која гради мостови на мирот.
– Основачката декларација што вечерва ја држам в раце е нашиот компас за нова Грција. Компас кон нова визија. Демократски план за 21 век. Кон моралната револуција што ѝ е потребна на татковината. И кон нов патриотизам, нераскинливо поврзан со општествената правда. Патриотизам што ја брани демократијата и нејзиното продлабочување во сите сфери на власта и општеството, истакна Ципрас.
Тој нагласи дека се означува почетокот на нов колективен напор за создавање голема прогресивна коалиција, односно, како што рече, приближување на трите историски струи на прогресивниот простор што ја претставуваат современата левица: радикалната левица, социјалдемократијата и политичката екологија, истакнувајќи дека „тоа е владејачката левица на новата ера.“
Боите на партијата се боите на спортскиот клуб Барселона, како што и самиот соопшти пред неколку дена во видео објавено на социјалните мрежи, односно сината и црвената.
Сината што е бојата на Грција, црвената што, како што истакна, ги означува нивните борби.
Ципрас 15 години беше лидер на СИРИЗА, а во периодот од јануари 2015 година до јули 2019 година, додека партијата беше на власт, беше премиер на Грција.
По изборниот пораз пред три години, кога неговата партија загуби со над 20 отсто разлика од владејачката Нова демократија, си поднесе оставка од позицијата претседател на левичарската партија, но продолжи да биде пратеник сè до октомври 2025 година кога се повлече и од оваа позиција.
Сега, во пресрет на парламентарните избори што редовно треба да се одржат следната година, со своја партија се врати на политичката сцена во Грција







Comments are closed for this post.