Официјална Атина објави циркулар наменет за грчките царински службеници во кој се наведени прецизни инструкции како да се однесуваат во однос на македонските стоки, луѓе и добра, објавија грчките медиуми.

Во циркуларот јасно се става до знаење првин дека новото име на соседот е Републиа Северна Македонија или само Северна Македонија и никое друго.

„Тоа име е за севкупна употреба и внатре во земјата и меѓународно. Повеќе нема употреба на Република Македонија, на ПЈР Македонија, или на ФИРОМ“, стои во циркуларот.

Во циркуларот се истакнува дека согласно Договорот за името, на грчката Царина и се наложува веднаш да ги уништи налепниците со натписот „Грција земјата ја признава како ФИРОМ“.

Во него се подвлекува дека сите документи треба да бидат со новото име на земјата, но притоа се додава дека „техничкиот“ транзицискиот период е со краен рок од пет години, а „политичкиот“ преоден период се однесува на сите документи и материјали кои се за внатрешна употреба.

Во делот за „специјални инструкции“ се наведува дека во пратките ќе се додава новото име на земјата, како и кодот МК.

„На сите испраќачите им обрнуваме внимание дека согласно Договорот на сите упатства, декларации, уплатници, дозволи треба да стои коректното име Северна Македонија. Царинските власти немаат обврска да проверуваат трговски имиња, трговски марки и имиња на производи увезени во земјата затоа што според Договорот се предвидува формирање меѓународна група на експерти кои ќе барат заеднички прифатливи решенија за тоа во период од три години“, се наведува во инструкцијата.

Што се однесува до патниците, се наведува дека „властите на Северна Македонија ќе ставаат печати на пасошите со кои ќе се објасни дека тие им припаѓаат на Република Северна Македонија.

„Кодот на возилата ќе биде НМ или НМК. За тие возила што имаат стари налепници со МК властите на Северна Македноија презедоа обврска да стваат налепници со НМК“.