Рускиот ракетен систем С-400 не може да го загрози НАТО, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Нема докази дека рускиот ракетен систем С-400 може да нанесе штета на НАТО или авионите Ф-35“ рече Ердоган во својот говор на Тв Абертурк, пренесува агенцијата Тасс.

Тој додаде дека набавката на ракетниот систем за Турција е комплетно комерцијален потег и додаде дека официјална Анкара предложила формирање турско-американска комисија која би ги разгледала загриженостите на Вашингтон заради ракетниот систем С-400.

„Јас се надевам дека претседателот Трамп ќе делува во вистинска насока и нема да дозволи нашите билатерални односи да станат заложник на С-400“, заклучува Ердоган.

САД во јули годинава одлучија да ја исклучат Анкара од програмата на борбени авиони Ф-35, односно да не и ги испорачаат на Турција заради купувањето на рускиот ракетен систем С-400 кој ќе се користи за „откривање на технолошките тајни“.

НАТО одби да го вклучи турскиот С-400 во својот систем на противоздушна одбрана.

Купувањето на овој ракетен систем Турција ја чинеше 2,5 милијарди долари.