Додека лидерот на СДСМ тврди дека Бугарија нема проблем со македонскиот јазик, нивната академија промовираше книга во која се тврди дека тој е бугарски дијалект.

Во Книгата напишана од дваесетина академици на БАНУ, а зад која стои и потпретседателот на тамошната академија Васил Николов, се тврди дека македонскиот е форма на бугарскиот јазик, создаден по втората светска војна. Во книгата, на неколку мапи се претставени повеќе дијалекти на бугарскиот јазик, кои во голем дел соодветствуваат со Сан – Стефанска или Голема Бугарија. Николов кој ја презентираше книгата, вели дека на ваков чекор се решиле бидејќи биле испровоцирани од декларацијата на МАНУ за македонскиот јазик минатата година.

-Јазикот на кој говорат луѓето во денешната Република С. Македонија е една регионална норма, писмено регионална норма на бугарскиот јазик. Има такви неколку норми на територијата на бугарската дијаспора и таа е една од нив. Таа е во последните 75 години доста променета за да се оддалечи од книжевниот бугарски јазик. / Кажуваме многу јасно, јазикот е бугарски, варијанта на бугарскиот јазик, но тоа не значи, ние не им викаме на тие луѓе дека се Бугари, етничкото сознание е нешто лично,вели Васил Николов – Потпретседател на БАНУ.