Во овој момент се наоѓаме еден чекор пред историски настан, изјави грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во неговото обраќање во грчкиот Парламент и додаде дека по речиси 30 години неактивност и по една цела година исцрпни преговори, „доаѓаме до крајот на еден исцрпувачки процес“.

Во неговиот долг и опширен говор што траеше 70 минути, Ципрас детално го анализираше договорот од Преспа и придобивките за грчката страна, одговори на критиките од опозициската „Нова демократија“ дека Владата отстапила македонски јазик и македонска националност, а говорот го заврши со пораката дека е време за национална самодоверба и национална гордост.

Во однос на тоа дали со договорот се признава државјанство или националност, Ципрас го повтори она што го спомена Катругалос на Комисијата за надворешна политика и одбрана.

Државите признаваат држави. Не признаваат народи и да сакаше Коѕијас да им даде националност не можеше бидејќи меѓународен договор не може да признава националност, туку само државјанство – изјави Ципрас.

Грчкиот премиер рече дека земјата со „овој договор ги добива назад историјата, симболите и античката грчка историја“, но и дека се става крај на иредентизмот.

Обраќајќи се до опозициската „Нова демократија“ Ципрас порача дека главниот проблем не е договорот, туку „СИРИЗА“, бидејќи „СИРИЗА“ го донела договорот.