Заложбата за „Една Брвеница за сите“ останува водечки принцип на ВМРО-ДПМНЕ и по завршувањето на изборната кампања, порача претседателката на Унијата на жени на партијата, Марија Митева, во гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24. Таа рече дека Владата ќе продолжи да ја поддржува општината со конкретни проекти, без оглед на изборниот исход.
Митева оцени дека кампањата на партијата била позитивна и обединувачка, со програма насочена кон развојот на општината.
„Водевме исклучително позитивна кампања, обединувачка, излеговме со програма тоа е принципот под којшто работиме и тоа е принципот по којшто ја бараме довербата. Една Брвеница за сите, за нас ќе остане повеќе од слоган, е концепт нешто на коешто и како Влада ќе продолжиме да работиме, да ја поддржуваме општината со проекти“, посочи Митева.
Осврнувајќи се на изборниот настап на ВЛЕН, Митева рече дека коалицијата имала можност да покаже дека се разликува од ДУИ, но ја пропуштила шансата да се дистанцира од етничката реторика. Наместо тоа, според неа, ВЛЕН избрала да постапува на спротивен начин.
„Не водевме ние калкулантска политика, ВЛЕН излегоа со сопствен кандидат уште во првиот круг, ако прашањето е дали некако тоа се рефлектира по однос на коалицијата во рамки на Владата, можам да ви кажам не затоа што и оваа Коалиција е владина коалиција базирана на владина програма и институциите треба да продолжат да ја спроведуваат, а тоа што ВЛЕН имаа можност да покажат дека се поразлични од ДУИ, да излезат од таа етничка реторика и навистина да покажат едно друго светло, ја пропуштија шансата и одлучија да постапуваат на спротивен начин“, рече Митева.
Митева нагласи дека изборниот резултат нема да влијае врз функционирањето на владината коалиција, која, како што рече, се темели на заедничка владина програма. Таа додаде дека институциите треба да продолжат да ја спроведуваат програмата и дека ВМРО-ДПМНЕ не водела калкулантска политика заради изборниот процес.
Говорејќи за исходот од гласањето во Брвеница, Митева рече дека ја почитуваат волјата на граѓаните. Истовремено, таа се осврна на пристигнувањето на гласачи од дијаспората, оценувајќи дека „не можеме да се бориме против демографијата“.
Митева рече дека останува уверена оти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанче Радичевски, ќе придонесел за развојот на општината, доколку ја добиел довербата на граѓаните.







Comments are closed for this post.