Основниот суд во Приштина издаде налог за апсење на потпретседателот на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радојчиќ, јави Радио телевизија Србија (РТС).

РТС наведува дека налогот за негово апсење е издаден поради сомнеж дека е поврзан со случајот со убиството на лидерот на партијата на косовските Срби, Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ.

Обвинителот, Суљ Хоџа, потврди дека Специјалното обвинителство побарало од посебното Одделение за тешки злосторства на Основниот суд во Приштина да издаде налог за апсење на Радојчиќ и дека очекува негово апсење кога ќе влезе во Косово.

Полицијата во ноември минатата година се обиде да го уапси Радојчиќ во северниот дел на Косовска Митровица, но не го најде во неговиот стан.

Во таа акција беа уапсени тројца Срби, на кои им е одреден судски притвор, а кој, според сегашната одлука, може да трае до 23 февруари.