Повикот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, Српската православна црква да ја тргне шизмата над Македонската православна црква, а тој да ја признае како автокфална под името Охридска архиепископија и да и врачи томос, предизвика паника во одредени кругови во соседна Бугаријa, пишува faktor.bg.

Веќе неколку дена во бугарските медиуми се објавуваат текстови во кои доминираат повици до Светиот синод на БПЦ и до премиерот Бојко Борисов под итно да испратат делегација во Цариград за да го спречат патријархот Вартоломеј во неговите намери.

Последниот во низата е текстот на извесен Горан Благоев, кој е претставен како историчар и добар познавач на современите црковни процеси, на порталот Фактор.бг. Тој е насловен како „Борисов да го повика Светиот синод и да добие одговор-зошто БПЦ не стои на бугарските црковни интереси“. А, во него Благоев, меѓу другото, пишува:

Во ветувањето на Вартоломеј, црквата во Повардарието да ја признае под името „Охридска архиепископија“ се крие опасност за целосна промена на историската вистина. Вистина која е дел и од меморијата на сите Бугари. Ако Цариградскиот патријарх ја следи таа вистина, тој би требало да ја признае црквата под целосниот назив „Архиепископија на Охрид и на цела Бугарија“.

Но, тоа не може да се случи, прво затоа што дијацезата на сегашната црква во Македонија е само дел од дијацезата на некогашната Охридска архиепископија, а нејзин вистински историски наследник е Бугарската патријаршија-факт што е одразен и во уставот на БПЦ. Идното признавање на црковната структура во Македонија под тоа име носи опасност од неизбежен црковен спор меѓу Софија и Скопје, сличен на тој што се разгори меѓу историските комисии.

Се гледа дека Вартоломеј несериозно ја чита не само историјата, туку и каноните. Неговото настојување СПЦ да ја тргне шизмата од МПЦ значи дека тој ја признава Патријаршијата во Белград за црква-мајка на хиерархијата во Македонија. И според таа логика, српскиот патријарх треба да и даде автокефалија на МПЦ, а не Вартоломеј.

Од друга страна, не е јасно што точно ќе признае Цариградскиот патријарх, зашто во документите и одлуките на Сеправославниот собор претставуван од него стои потписот на Охридскиот архиепископ Јован (Вранишковски), кој е од СПЦ. Притоа, тој одржал и евхаристичка причест заедно со него т.е. го признал за водач на Охридската архиепископија.

Сега, ако издаде Томос за независноста на црквата во Македонија под истото име ќе имаме уште еден канонски признат Охридски архиепископ-Стефан. Со тоа ќе бидеме на пат да станеме сведоци на улраинско сценарио, но во македонска верзија.

Најпосле, на Скопје е да одлучи што сака, зашто и Стефан и Јован ќе се канонски признати од Вартоломеј, а и двете „архиепископии“, според македонските закони, веќе имаат јурисдикциска легитимност. Вистина, Јован ја стекнал наспроти волјата на властите во Скопје, но под руско-српски притисок. И Вартоломеј немал ништо против тоа. Напротив, го смета за канонски црковен водач.

Втората противречност со каноните, што произлегува од ветувањето на патријархот Вартоломеј, е дека секоја православна црква е помесна-т.е. црква на дадена територија, а не на етнос. Во случајов, станува збор за црква на територија т.е. држава, која влезе во меѓународниот поредок под името „Северна Македонија“.

Откако Вартоломеј и даде Томос на Православната црква на Украина, би требало да даде и Томос за Архиепископијата на Северна Македонија, зашто територија или држава под името „Охридска“ немало и нема…

Оттука, канонското име на црквата во Македонија сега би требало да биде „Архиепископија на Скопје и на Северна Македонија“. А, Охрид не може да биде вклучен во името, иако тој фигурира во македонскиот црковен устав, се вели во текстот.