Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека е наклонет кон купување на американски млазни авиони Ф-16 во трката на Бугарија за обнова на нејзината флота на борбени авиони.

Според она што ми го кажуваат пилотите, Ф-16 е многу подобар од останатите предложени авиони, изјави Борисов за време на европскиот самит во Брисел, според соопштението на владата.

Членката на НАТО од 2004 година предвидува да потроши околу 900 милиони евра за купување на 8 борбени авиони кои би ги замениле нивните советски МиГ-29.

Бугарија добила американски понуди за нови „Локхед Мартин Ф-16“ и Боинг Ф-18, нови шведски „Грипен“ и користени италијански авиони „Еурофајтер“.

Упатените велат дека одлуката ќе падне помеѓу „Ф-16“ и „Грипен“. Борисов според соопштението, изјавил дека не сака да се меша во довербата на задолжените за проучување на понудите, но нагласува дека го сака најдобриот авион заради тоа што состојбата во регионот се комплицира.