Во интервју за луксембуршкиот весник „Ворт“ премиерот Зоран Заев изјави дека ветото на Бугарија за почетокот на преговорите во ЕУ беше неблагодарен гест, но дека неговата Влада е посветена на европеизација на земјата.

Во текстот новинарот се навраќа на бројните пречки со кои се соочи  Македонија за почеток на преговори, од ветото на Грција, блокадата на Франција и конечно, лани, ветото на Бугарија поради билатерални прашања и го прашува премиерот дали тоа може да има негативни последици врз поддршката на граѓаните за ЕУ.

Точно, неблагодарно е што нашиот сосед, Бугарија, стави ново вето за нас во декември 2020. Главната е цел да се решат историските разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија. Морам да кажам дека со вакво однесување ЕУ никогаш нема да постои, Европејците гледаа кон иднината, не минатото – вели Заев во интервјуто.

И порачува дека и во овој случај со  Македонија и Бугарија треба да се стори истото.

Но мислам дека сѐ уште можеме да изнајдеме решение за бугарското вето пред јуни. Ова бара помош од остатокот од ЕУ која исто така треба да докаже дека ги почитува вредностите на ЕУ и дека историските спорови не смеат да бидат пречка за иднината на земјата – вели Заев во интервјуто за „Ворт“.

Запрашан за испораката на вакцините од ЕУ, Зоран Заев и во овој дел ја признава разочараноста на  Македонија.

Би бил нечесен ако не признаам дека ЕУ нѐ разочара со набавката на вакцини за корона. Но, ни рекоа дека во овој момент е невозможно за Унијата да ги сподели вакцините, вели Заев.

Тој се заблагодарува сепак за помошта на ЕУ во делот на заемите.

Но, да, можевме да сметаме на српската солидарност и сега исто така нарачавме дози од Кина и Русија – вели Заев во интервјуто.

Заев е во посета на Луксембург каде лобира за поддршка за формалното отворање на преговори со ЕУ и надминување на ветото на Бугарија.