ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку партиско соопштение го повикува премиерот Зоран Заев да распише предвремени парламентарни избори.

„Доколку Заев навистина сака да го слушне гласот на народот, нека не бега од граѓаните и нека распише избори за да види што мислат тие за неговото двогодишно владеење. Македонската јавност веќе неколку недели е во исчекување СДСМ да го каже својот став во однос на предвремени парламентарни избори. Јавноста веќе подолг период очекува Зоран Заев да се охрабри и да донесе конечно одлука дали е спремен да оди на избори и да се соочи со гневот на граѓаните, гнев насобран за овие две и половина години владеење на СДСМ“, се наведува во соопштението до ВМРО-ДПМНЕ.

За две ипол години,  како што додаваат од опозициската партија,  криминална власт предводена од аболицираниот Заев на македонската држава и сервираше порази на секое поле, го понижи и деградираше македонскиот народ.

„Власта се откажа од се што е македонско, од македонскиот јазик, култура, идентитет, име, историја, но и иднина. Преку секојдневното задолжување, ја доведе државата пред банкот, а ги задолжи граѓаните за милиони евра кои треба тие и нивните идни поколенија да ги враќаат. Стандардот на граѓаните е во слободен пад, граѓаните се доведени на работ на егзистенција, повеќе од 400 илјади граѓани живеат со еден оброк на ден. Им го ускратија покачувањето на пензиите на пезнионерите, пазарџиите ги оставија без нивното парче леб, а над 80 проценти од младите без размислување би ја напуштиле Македонија, ги зголеми давачките кон државата за сите“, наведуваат од опозициската партија.