На вчерашната владина седница е донесена уредба за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта, со одлуки за времетраењето на часовите и на одморите, за почетокот на учебната година, како и Одлука за утврдување на максималниот број на ученици во паралелка во основните училишта и средните во услови на вонредни околности, за оние училишта кои добиле согласност за организирање настава со физичко присуство.

Уредбата за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта ги опфаќа и сите други активности како што се проверката на постигањата на успехот на учениците, организирањето на практичната настава, и другите наставно-образовни активности.

На оваа седница е усвоена и Информацијата, и беа усвоени протоколите за постапување на посебните основни училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/21 година за посебните училишта ПОУ „Иднина“-Скопје, ПОУ „Маца Овчарова“- Велес, ПОУ „Д-р Златан Сремец“- Скопје, ЗРДОСГГДПР „Кочо Рацин“- Битола, ПОУ „Св.Климент Охридски“- Ново Село, Струмица, ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Скопје, и ЈУ Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“- Струмица.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за реализација на наставата во средните училишта за ученици со посебни образовни потреби во учебната 2020/2021 година, и ги усвои поединечните протоколи за постапување во средно образование за ученици со посебни образовни потреби.