Денеска до претседателот на Владата на Република Македонија поднесов оставка на местото член на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков.

Чувствувам обврска да ја информирам јавноста за мотивите за оставката и да споделам како се водеше процесот на селекција на кадри од УБК во АНБ. Јас со решение од страна на Владата на Македонија бев избран да бидам дел од Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност. Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се базираше на субјективни па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми. Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса, односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу кадрите кои би влегле во АНБ. Според мене, имаше неколку клучни моменти врз основа на кои се направи ваков избор, односно не се постапи согласно новиот закон за АНБ. Не се реализираше тестот за интегритет, кој требаше да се спроведе согласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така, од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање, вели Димков.

Според него, клучен момент при селекцијата било оценувањето на вработените од страна на нивните претпоставени.

Тука беше спорен и кредибилитетот на оценувачите и нејасните критериуми за оценување. Од тоа произлезе субјективноста при оценувањето, која сериозно влијаеше на изборот на кандидати. За сите овие пропусти навремено реагирав во текот на процесот на селекција. Врз основа на погоре наведеното, но и на голем број реакции на лица и медиуми, кои отворено ги нотираа пропустите, чувствувам обврска да се повлечам, односно да поднесам оставка од член на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност, вели Димков.

Димков смета дека се потребни реформи во безбедносниот сектор, што ќе резултираат со ефикасни и професионални служби.

Се плашам дека во моментов, со ваквиот начин на работа, само се оддалечуваме од крајната цел, односно се креира една нова институција во која уште од самиот старт  довербата е дискутабилна. Доколку сте искрени во намерата за реформи во безбедносниот сектор, тогаш сметам неопходно е да се ревидира процесот на селекција на кандидатите за влез во АНБ. Исто така, потребно е да се формира нова комисија, бидејќи постојната веќе го загуби кредибилитетот, но и да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на кандидатите, потенцира тој.